Бајага и „Инструктори“ на турнеја за 25-годишниот јубилеј
Српскиот
музичар Момчило Бајагиќ-Бајага и неговиот придружен состав
„Инструктори“ ќе заминат на светска турнеја по повод 25 години
на сцената. Тие јубилејот ќе го одбележат и со нов албум и голем
концерт во Белград. Закажани се концерти во повеќе градови во Канада и
во САД. Првиот концерт ќе го одржат во Торонто.
- Веќе сме
настапувале во салата и знаеме дека е неверојатно добар простор, со
капацитет од 1.500 луѓе, сместен во центарот на Торонто. Таму
настапувале „Ролинг стоунс“, но и „Партибрејкерс“ и многу други бендови
од овие простори - изјавил Бајага за „Блиц“.
На 28 март Бајага
ќе настапи во Калгари, а потоа ќе следуваат концерти и во Едмонтон и
Ванкувер. На 4 април тие продолжуваат во Калифорнија, а потоа следува
концертот во Феникс. Бајага објаснува дека Америка секогаш му била
инспирација кога правел албуми и единствено што му треба е слушалки,
гитара, компјутер и слободни денови меѓу концертите. Турнејата ќе ја
завршат со настапите во Чикаго, Бостон и на крајот на 12 април ќе
настапат во Њујорк.
- По турнејата низ Северна Америка, се
враќаме за уште некои свирки и потоа се посветуваме на албумот. Би
сакал да излезе наесен и до крајот на годината со голем концерт во
Белград да ја заокружиме 25-годишнината од нашата кариера - вели
Бајага.